• Мартин Танасковски
Екипата на Сараево испадна од Купот на Босна и Херцеговина по пораз на гостувањето кај Широки Бријег (3-2), а македонскиот фудбалер кој настапува за актуелниот првак, Крсте Велкоски беше незадоволен од случувањата на теренот.
Капитенот на Сараево беше крајно револтиран од односот на домашните навивачи, затоа што се случија доста прекини поради инциденти.
„Одигравме турбулентен натпревар, не заслуживме пораз. Домаќинот имаше помош од судиите и ова беше катастрофа. Мислам дека еднаш засекогаш мора да се стави крај на тоа. Секој меч кога и дојдеме кај Широки, играме „на нож“, а никаква одлука не е донесена. Ситуациите кога публиката дивее мора да се казнуваат. Фрлаат предмети на терен, што треба да се случи, некој да загине за да бидеме свесни? Никој ништо не презема, ова е голема брука и срамота“, изјави Велкоски.
Во редовите на Широки Бријег настапува поранешниот младински репрезентативец Виктор Ангелов.