• Мартин Танасковски

Започнаа долго очекуваните градежни работи на „Градскиот стадион“ во Тетово, кој добива втора трибина и ќе биде изграден според стандарди на ФИФА и УЕФА за меѓународни мечеви.
Едната трибина беше срушена во месец април, а се чекаше на добивање на градежната дозвола за да почнат сите активности. Конечно, според фотографиите кои ги доби нашиот медиум, изградбата на првата нова трибина е започната.
Новиот стадион се очекува да има капацитет од 10.000 до 12.000 седишта, со модерни простори за фудбалски тимови, службени лица, места за ВИП лица и соодветни места за новинари.
Градскиот стадион во Тетово е отворен во 1981 година, кога ФК Тетекс влезе во Првата југословенска лига и имаше капацитет од над 15.000 седишта. Стадионот го градеше тогашниот текстилен гигант „Тетекс“, а учествуваше и државата.
Според договорот, стадионот мора да биде завршен во временска рамка од три години. Сепак, постои очекување дека изградбата ќе биде завршена побрзо. Проектот за изградба на стадионот во Тетово ќе чини 9,7 милиони евра.