Дербито во Струга за повратникот Идризи, Стојанов на центарот во Охрид

Судиската комисија на Фудбалската федерација на Македонија ги одреди делителите на правдата за сите натпревари од 28. коло во Првата фудбалска лига. 

Велешанецот Игор Иванов ќе истрча на центарот во Скопје и ќе го одработи дуелот меѓу Работнички и Пелистер, а Фуркан Идризи од Тетово ќе го суди дерби натпреварот помеѓу Струга Трим Лум и Гостивар. Младиот тетовски судија се враќа на терените по полемиките во „вечното дерби“ меѓу Пелистер и Вардар пред три кола. 

Шкупи и Силекс ќе го пречекаат судијата Бењамин Ќерими, а задолжен за дуелот меѓу Беса 1976 и Шкендија ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци. Неговиот имењак Стојанче Стојанов ќе ја дели правдата на натпреварот меѓу Воска Спорт и Вардар, додека Игор Стојчевски е делегиран за мечот меѓу Тиквеш и Брера Струмица. 

Сите натпревари од 28. коло во Првата македонска фудбалска лига ќе се одиграат на 19 април во 16:00 часот.