• Иван Димовски
Серџо Консеисао, тренерот на Милан го најави реванш натпреварот против Интер во полуфиналето на Копа Италија. Откако првиот меч на кој „росонерите“ беа домаќин на „Сан Сиро“ заврши без победник (1-1), сега сè е отворено во возвратната средба.
„Мотивацијата не доаѓа од противниците, туку од нашата секојдневна работа. За жал, во Серија А повеќе немаме шанси да ја исполниме целта, а тоа е ЛШ и размислувавме само на мечот со Интер.
Ова е важен натпревар за нас, играчите, клубот и навивачите и свесни сме за тоа. Милан мора да се бори за скудето и Лига на шампиони, тоа е сандард и покрај резултатите во последните години. За клуб како што е Милан нормално е да се бори за Куп-финале. Му честитам на Интер за успесите во ЛШ и првенството, ама овој натпревар за нас е од суштинско значење. Сакаме победа и пласман во финалето, за да донесеме уште еден трофеј за навивачите“, изјави Консеисао.
Милан сезонава го освои Суперкупот токму со победа над Интер, но имаше неуспех во Лигата на шампионите со елиминацијата во плеј-оф фазата, а и во првенството котира катастрофално. Поради тоа Копа Италија може да е каков-таков спас за сезоната.
Реванш дуелот меѓу Интер и Милан се игра вечерва во 21:00 часот.