• Редакција Gol.mk

Најпопуларниот спорт кај нас имаше уште една бурна и неизвесна сезона. Клупскиот ракомет не донесе големи меѓународни радости, но затоа домашниот ривалитет од година во година расте. Еурофарм Пелистер дефинитивно ја презеде доминацијата и првпат по две децении освои две титули по ред. Рецептот пак беше сличен како претходната сезона - тренерска смена и засилувања среде сезона и веднаш шампионски трофеј. Бранислав Ангеловски го зазеде местото на Јовиќ и Шундовски, од Германија се врати Филип Кузмановски и битолчани први минаа низ целта.
Еурофарм Пелистер не влезе како лидер во плеј-офот, но ги доби скоро сите натпревари, а конкурентите се „лизнаа“ во Кавадарци и Охрид. Вардарци го освоија второто место и се изборија за групната фаза на Европската лига, а Алкалоид Ракомет ги победи двата ривали на завршниот турнир на Купот во СЦ „Борис Трајковски“ и го освои првиот трофеј во историјата, Младиот голман Иван Галевски беше јунак во двата натпревари и неговите одбрани го решија прашањето на победникот.
Дури и новата сезона започна како што заврши старата. Алкалоид го зграпчи и Суперкупот, откако во Гевгелија го надигра првакот Еурофарм Пелистер. Момците на Лазаров како лидер во новиот формат на Суперлигата презимија и загубија само еден натпревар. Конкурентите повеќе менуваа, па дури и на клупата. Во Битола дојде Шпанецот Раул Алонсо, а во Вардар 1961 на кормилото седна Аргентинецот Гиљермо Милано. Се предвидува голема борба за трофеите напролет, со релативно израмнети шанси на сите три водечки екипи.
Во Европа нашите претставници имаа поголем успех отколку во 2023 година. Еурофарм Пелистер има шест бода по десет кола и реални шанси да ја мине групата во Лигата на шампионите. Победени беа Фредериција во Данска и Висла Плоцк во Битола, а бод беше освоен во „Боро Чурлевски“ против Спортинг и Фредериција. Вардар 1961 достоинствено испадна во групата на Европската лига, иако во Скопје ги победи Валур и Мелсунген, а освои и бод во Исланд. Со победи против ривали од Литванија и Австрија, Алкалоид Ракомет презими во Европскиот Куп и во осминафиналето доби ривал од Италија. Шансите да се вмеша во борбата за освојување на ова натпреварување напролет се и тоа како реални.
ЖРК Ѓорче Петров ја одбрани домашната титула во женската Суперлига, но ЖРК Чаир најдалеку дотурка во Европа. Откако елиминира два противници, тимот од Чаир со големи аспирации ќе влезе во новата година.
Бројот на интернационалци драстично се намали. Сара Ристовски единствена Македонка настапува во Лигата на шампионите, а Томовски во Германија и Талески во Лисабон имаа епизодна улога оваа есен.
Македонскиот ракомет на први март 2025 година ќе добие нов претседател, откако Живко Мукаетов по една деценија најави дека нема да се кандидира на следното редовно собрание. Својата кандидатура ја најави првиот човек на РК Бутел Скопје, Александар Стефанов, но не е исклучена можност да добие уште некој противкандидат,