Стефанов ги охрабри ракометарките: Нема разочарување, главите горе!

Женската ракометна репрезентација на Македонија и вторпат загуби од Полска во бараж натпреварите за пласман на Светското првенство. Синоќа во полната сала во Битола, избраничките на селекторот Грчевски загубија со 21-23 и не успеаја да дојдат до пласман на Мундијалот.

Главен проблем во нашата игра беа техничките грешки, поради кои никако не успевавме да фатиме залет кон победа. Сепак, битолчани беа задоволни од нашите ракометарки, а и претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ(, Александар Стефанов, упати честитки за девојките.

„Пожртвувана игра, борбен дух, срце на терен. Големо браво до девојките и целиот стручен штаб. Нема разочарување, главата горе. Македонскиот женски ракомет има иднина“, напиша претседателот Александар Стефанов на социјалните мрежи.

Следната цел на нашата женска репрезентација е да се квалификува на Европското првенство, за кое квалификациите започнуваат наесен.