Историја за младинскиот ракомет: Пелистерци ќе играат на Ф4 во ЛШ!

Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер го победи и домаќинот Динамо Букурешт (36-37) и се пласираа на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во Лигата на шампионите! Младите битолчани одиграа нов одличен натпревар во Букурешт, па со втора победа стигнаа до место меѓу четирите најдобри во Европа во младинскиот ракомет.

Пелистерци отворија добро и со головите на Марковски и Хаџиќ поведоа двапати, а потоа домашните првпат стигнаа до 3-2. Се играше израмнето во следните минути до 4-4, пред Алем Хаџиќ да влезе во елемент и да врзе четири гола (5-8). Младите пелистерци се одржуваа во позитива, со врзани два гола на Буторац стигнаа и до предност од 6-10. Имаше романскиот домаќин налет, успеа да пријде и на гол дефицит (11-12), а тогаш започна добрата серија на битолчани. Еурофарм Пелистер до крајот на полувремето врза серија од 1-6 и на одмор се замина со 12-18. 

Вториот дел тргна со добро темпо на пелистерци, ама по седум-осум минути почнаа проблемите. Домашните ја стегнаа одбраната, следуваа неколку исклучувања и Динамо успеа да се врати во натпреварот. Бргу стекнатата предност „се стопи“ и стигна до 21-23, тогаш битолчани врзаа два гола преку Хаџиќ и Велевски. Македонските ракометари успеаја да се консолидираат во последните дваесетина минути, а тогаш од минута во минута двете екипи се менуваа во водство. Откако одбранија два напади во низа, преку голот на Буторац од крило пелистерци поведоа со два разлика (28-30), ама следуваше брза реакција и примен гол за 29-30 на влезот во последните десет минути. 

Во следните минути резултатот варираше меѓу еден и два гола предност во корист на битолскиот тим. Динамо во 55. минута по тајм-аут успеа да израмни, а по тој гол за 33-33 следуваа уште неколку набрзина. Во 58. минута пелистерци конечно успеаја да се одбранат, поточно голманот Мелин Фехми забележа важна интервенција. Во следниот круцијален напад немаше реализација и следуваше шут над голот. На спротивната страна Станчиу израмни од девет метри (36-36). Следуваше тајм-аут за Еурофарм Пелистер и напад на околу 70 секунди пред крајот. Судиите бргу ја кренаа раката иако битолчани активно бараа позиција. Одговорност двапати презеде Хаџиќ и со својот 12. гол погоди за 36-37 на половина минута до крајот. Романците пак свикаа минута за совети, македонските ракометари го одбија првиот налет и потоа го натераа Станчиу на тежок удар и промашување со истекот на времето.

Ракомет
Младинска Лига на шампионите 2024/25
Четвртфинална група - финале

Динамо Букурешт - Еурофарм Пелистер 36-37 (12-18)

Спортска сала „Динамо Арена“ - Букурешт
Гледачи: 1.000
Судии: Стилинос Гкоктас и Ахилес Сачиноглу

Динамо Букурешт:
Матеи, Сурлан, Станчиу 11, Думитру 11, Негрила 7, Балу 4, Поенару 1, Кофару 1, Солаци 1, Крачиун, Пушкаш, Симион, Попеску, Јилмаз, Кобинца, Бучурица
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 2 минути

Еурофарм Пелистер: 
М. Фехми, Ат. Трсунов, Хаџиќ 12, Буторац 6, Марковски 5, Лозановски 4, Ар. Трсунов 3, С. Георгиевски 2, Л. Георгиевски 2, Велевски 2, Симоновски 1, Лазаревски, Трајчевски, Спировски, А. Фехми, Ѓорѓиев
Седмерци: 2/1
Исклучувања: 6 минути

Најнови вести од
Клупски пријателски