ВИДЕО: 70. дерби го реши Ѓуровски, 100. Стојковски, 105. Христов, нека биде 150. за Бабунски!

Фудбалска Србија денес е на нозе и со посебно внимание го очекува 150. „вечно дерби“ на српскиот фудбал помеѓу Партизан и Црвена Звезда. Без разлика што титулата не е во игра, заради големата предноста на „црвените-белите“, сепак јубилејот го прави дербито посебно.

ТВ платформата АРЕНА СПОРТ подготвува неколкучасовен спектакл како најава за мечот со вклучувања во регионот, па така од Македонија пред дербито ќе говори јунакот на 100. дерби, Митко Стојковски. Од БиХ ќе се вклучат Ивица Осим и Рефик Шабанаџовиќ, од Хрватска во живо ќе говори Томислав Ивковиќ, а од Црна Гора, исто така нашиот Виктор Треневски и Ниша Савељиќ.

Браќата Ѓуровски веројатно беа први Македонци кои станаа идоли меѓу навивачите на двата клупа. Милко Ѓуровски беше стрелец во јубилејното 70. дерби во кое го носеше дресот на Црвена Звезда, а неговиот тим како гостин го совлада Партизан со 1-4.

Милко подоцна мина во конкурентниот Партизан и го реши и 79. дерби, во кое Партизан пред своите гледачи ја победи Црвена Звезда со 2-0 со головите на Смајиќ и Ѓуровски.

Година подоцна контроверзниот напаѓач погоди во последната минута во 80. дерби, но не можеше да го избегне поразот на својата екипа. Црвена Звезда беше подобра и победи со 3-1.

Македонците и пред и по браќата Ѓуровски биле протагонисти во мечевите на големите ривали. Од златната генерација на Панчев и Најдовски, до Драган Канатларовски, па ако се вратиме наназад и во времето на Кирил Дојчиновски, што се однесува до „црвено-белиот“ табор.

Дарко Панчев беше стрелец за првпат во мечевите на големите ривали во 1990 година на 86. дерби, кое како гостин го доби Црвена Звезда со 0-2.

Подоцна „кобрата“ уште неколку пати ја тресеше мрежата на Партизан во најдобрите денови на Црвена Звезда на Љупко Петровиќ.

Одлични натпревари против најлутиот ривал одигра и Драган Канатларовски, пред да замине во Шпанија. Во тимот на генијалци во средниот ред и нападот, битолчанецот беше тој кој правеше баланс во екипата.

Митко Стојковски стави печат на големото 100. дерби со гол и асистенција и стана миленик на навивачите на Црвена Звезда. Тој меч „црвено-белите“ го добија со 2-1 и бодовите од тоа дерби, не се најважната работа, туку ривалството и јубилејната победа.

„Делиите“ посебно го паметат тој пресврт од многу причини. Тогашното дерби беше меч на страсти, квалитетен фудбал и фудбалски набој.

Стојковски беше и капитен на таа Црвена Звезда, што беше уникатно искуство на еден македонски фудбалер. 

И во црно-белиот табор наши фудбалери оставиле голема трага. Ѓорѓи Христов постигна два гола во победата на Партизан од 3-2 во 105. дерби, што беше еден мал реванш за поразот неколку години претходно. Вујадин Станојковиќ, Виктор Треневски исто така беа дел од големите мечеви на ривалите.

Денес младиот Давид Бабунски се надева на минути од тренерот Божовиќ за да потврди дека кога и да играат македонските фудбалери оставаат трага на „вечното дерби“. Младиот репрезентативец доаѓа од Шпанија со неверојатно добри препораки.