РБ Лајпциг со рекордна сума за талент за кого има интерес од Јунајтед, Ливерпул...

Талентираниот фудбалер на Црвена Звезда, Андрија Максимовиќ, кој доби и повик во сениорската селекција, со одличните игри во дресот на српскиот шампион се наметна и е пред заминување во РБ Лајпциг во Германија, пишува „Моцарт спорт“.

Иако бројни клубови се заинтересирани за потписот на момчето од Нови Пазар, судбината на Максимовиќ сè уште е непозната, бидејќи младиот ас на маса има повеќе опции. Сепак, додека сè уште се разговара за неговиот следен клуб, локалните медиуми објавија дека РБ Лајпциг се насочил кон талентираниот играч за врска и следната недела треба да испрати официјална понуда.

Како што е соопштено, бундеслигашот ќе испрати понуда до Црвена Звезда во износ од 13 милиони евра со бонуси од два милиони, што доколку преговорите бидат успешни, би бил најскапиот трансфер во историјата на српскиот клуб. Како што се додава во текстот, постои можност целата работа да биде завршена до крајот на април. Се разбира, под услов Црвена Звезда да ја прифати понудата на Лајпциг, со оглед на тоа што управата на српскиот клуб на чело со Звездан Терзиќ бара 20 милиони за услугите на Максимовиќ.

Сезонава Андрија Максимовиќ постигна четири гола и запиша седум асистенции, а одличните игри беа заприметени од Брајтон, ПСЖ, Франкфурт, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Манчестер Јунајтед, Ливерпул...