• Горан Упале

Ељиф Елмас, како и останатите македонски фудбалери и фанови жали за испуштената можност со две победи да ги започнеме квалификациите за Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
Во вториот натпревар од првиот квалификациски прозорец Македонија со примен гол во последните десет секунди мораше да се задоволи само со бод против незгодниот Велс (1-1).
„Искрено, премногу ни е жал. Бевме тактички одлични, на високо ниво и мислам дека само може да жалиме за изгубените бодови. Но, таков е фудбалот, некогаш во 90 ќе дадеш гол, некогаш во 90 ќе примиш.
Но, со ладни глави одиме понатаму, ни следат важни мечеви во јуни за кои мора да сме добро подготвени. Против нас имавме квалитетен ривал со имиња од Премиер лигата, а со нив бевме на високо ниво. Ова е добар знак за нас затоа што гледаме дека можеме со сите, напредуваме, целта ни е да одиме се погоре и погоре. Имаме во глава секогаш да размислуваме за победа, така ќе биде и во јуни со Белгија и Казахстан“, рече Елмас.
Во следното коло Македонија одново игра на домашен терен, против фаворитот во групата Белгија.