ВИДЕО: Беса со три бода против шампионот најави жестока битка за опстанок!

Горазд Михајлов ја препороди Беса 1976, која славеше во дуелот против шампионот Струга Трим Лум со 3-2 и најави голема битка за опстанок во колата кои следат во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

  • Извештај од натпреварот:

Домаќинот во Гостивар одигра одличен тактички меч, а до победата дојде иако имаше негатива во првото полувреме. Со триумфот, Беса ѝ го предаде последното место на Воска Спорт, а им се приближи на Вардар, Тиквеш и Брера Струмица на еден бод.

Струга тргна добро, го отвори мечот во 11. минута преку Папе Фол и се чинеше дека шампионот ќе ги има работите под контрола на ова гостување. Сепак, Беса одигра доста храбро и паметно, ја држеше топката, а во 38. минута дојде до израмнување преку Шефит Шефити, кој го казни излетувањето на голманот Стевковски и погоди во мрежата на стружани.

На стартот на второто полувреме, Незири погоди за Беса и донесе пресврт. Имаше Струга шанса да израмни преку Радиќ со глава, потоа Ѓорѓиоски направи двојна измена и ги внесе Компаоре и Влајковиќ, но тоа не донесе подобрување. Туку, трет гол за Беса, кој го постигна Ремзифаик Селмани во 69. минута за голема радост на домаќинот. Струга го ублажи поразот со гол пред самиот финиш кој го постигна Хамза. Можеа гостите и да избегнат неуспех на ова гостување, но во екстра-времето не ги посака среќата.

Струга на табелата по овој пораз е петта со 38 бода. Може да се каже дека желбата за хет-трик титули во мак-фудбалот е готова. Беса, пак, е на 11-тото место со 21 бод. Во следното коло стружани се домаќини на Шкупи, додека Беса со две победи во низа патува кај Работнички.