Женската тениска репрезентација по нови успеси во Били Џин Кинг купот

Женската тениска репрезентација на Македонија ги заврши подготовките во Скопје и замина во кипарската Ларнака, каде ќе ги одигра мечевите од Втората евро-африканска зона во Били Џин Кинг купот. 

Македонските тенисерки втора година по ред ќе играат во оваа зона, откако успеаја да се изборат за повисок ранг во Скопје во 2023 година. Минатата година го освоивме четвртото место и остваривме три победи против Естонија, Грузија и Израел, а пласман во Првата зона изборија Хрватска и Литванија. 

Предводникот на нашиот национален тим, Димитар Лабудовиќ, ќе ги има на располагање Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ана Митевска и Јана Божиновска. Во Ларнака ќе настапат вкупно 11 репрезентации кои ќе бидат поделени во три групи (две со четири селекции и една со три селекции). 

„Добро трениравме изминативе денови. Групата е посилна од ланската сезона бидејќи од Првата зона испаднаа Бугарија и Норвешка, другите репрезентации се истите од лани, а има и тенисери со повисок ранг. Има неколку тенисерки од рангот ТОП 200, па и на ниво на Лина Ѓорческа, а има и од ТОП 100.

Извлекувањето на групите ќе биде в недела, па после ќе ги правиме плановите. Во првиот шешир ќе бидат: Норвешка, Бугарија и Египет што значи дека ќе играме против една од овие три селекции.

Ние се наоѓаме во вториот шешир. Мора да одиграме добро како и лани и во игра на двојки што е важно особено ако биде 1-1 по сингл мечевите. Немаме посебни желби за противници“ изјави државниот капитен Димитар Лабудовиќ.

На настанот во Ларнака ќе играат 11 репрезентации кои ќе бидат поделени во три групи (две со четири селекции, а една со три селекции). Покрај Македонија ќе настапат уште националните тимови на: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар (домаќин), Египет, Естонија, Грузија, Израел, Косово, Норвешка и Јужна Африка.

Мечевите се играат според досегашниот систем - два сингл меча, а потоа мечот во двојки. Првопласираните репрезентации од трите групи формираат нова група и разигруваат за пласман на првите две места кои носат промоција во Првата Евро-африканска зона.

Второпласираните селекции од групите ќе играат за пласман од 4-6. место, а третопласираните ќе разигруваат за пласман од 7-9. позиција. Двете четвртопласирани во групите ќе го преселат во Третата зона од Купот. Првите мечеви се предвидени да се играат на 7 април во понеделник, а завршните дуели ќе се одиграат пет дена подоцна.