Вардар во последните шест минути го елиминира Бутел од Купот

Екипата на Вардар 1961 патува во финалето на турнирот од групата 3 во Купот на Македонија, затоа што го победи Бутел Скопје (33-30) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, но потешко од очекуваното.

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Вардар 1961:

„Црвено-црните“ беа уморни, евидентен беше заморот од тешкиот дерби дуел со Еурофарм Пелистер, па со бутелчани беа во егал од самиот финиш на средбата. Избраниците на Горан Кузмановски одиграа достојно со најтрофејниот колектив во Македонија, па може да бидат задоволни од она кое го прикажаа.

Вардар имаше проблеми уште од самиот старт, затоа што му дозволи на Бутел да се одлепи на 4-7. Потоа ривалот имаше 9-12, но до полувремето фаворитот предводен од Мигел Пинто, бекот Хориха и пивотот Коиј го сврти мечот на 17-16. Оттогаш се играше израмнето, со мали блесоци на Вардар, а разликата вредна победа се направи на влезот во последните шест минути, кога вардарци од 27-27, дојдоа до 32-28 и така си го трасираа патот до успехот.

Најдобар стрелец кај победникот беше Мигел Пинто со девет гола, пред Ларс Коиј со осум гола, додека Димитро Хориха погоди седум пати. Кај Бутел, Дамјан Субашевски и Филип Николов дадоа по осум гола.

Во финалето на турнирот од Групата 3, за место на Ф4-турнирот, Вардар 1961 ќе игра со Еурофарм Пелистер 2 кој службено го мина Фруитленд Борец од Велес.