Вардар го сруши Пелистер, Хориха го згасна битолскиот „вулкан“!

Ќе биде интересно до крајот на шампионатот за титулата во македонскиот ракомет! Дуелот на големите ривали Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 заврши со победа на „црвено-црните“ од Скопје (34-35), така што се е отворено до финишот. Битолчани да победеа на овој дуел ќе имаа се во свои раце и 90% ќе беа шампиони, но вака работите се менуваат и судбината за тронот ќе се решава на следните мечеви, како и на дербито во Скопје.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961:

Дуелот во Битола тргна во знакот на Вардар, кој уште од почетокот се одлепи на 0-2 и константно водеше. Немаше добри одбрани во воведните 30 минути, се играше со доста прекршоци, а тоа донесе доста пенали на двете страни досудени од судиите Начевски и Николов. Еурофарм Пелистер ниеднаш немаше водство, беше 7-10, па 13-14, разлика од еден гол која Вардар ја држеше до полувремето (16-17).

Можеби рекорд е што во првиот дел се покажаа дури шеснаесет пенали, седум за Вардар, а девет за Еурофарм Пелистер. По паузата, Вардар пак се активира, избега на три гола предност (20-23), а тоа беше аларм затоа што дојде по тајм-аут на тренерот Раул Алонсо. Клучот во овие моменти беше голманот Мигел Еспиња, кој имаше три клучни одбрани, од кои еден беше пенал на Дејан Манасков.

Потоа Крсманчиќ погоди и за 20-24, ама Пелистер воден од публиката пак се врати во дуелот и со серија која ја започна Тајник, а се продолжи благодарение на одбраните на Митревски, дојде на 24-25 и приреди драма во продолжението. Следеа нови два гола за Вардар, прв погодок на Хориха во вториот дел, за 25-28 на 15 минути пред финишот на дербито. Мечот понатаму беше игра на нерви, Вардар цело време беше на плус од еден до два гола, се до 54. минута кога Манасков од пенал израмни на 31-31.

Сепак, по овој гол следеше голем хендикеп, затоа што црвен картон доби главниот дефанзивец на Пелистер, Илија Абутовиќ, заради удар во лицето на Вуко Борозан. Откако Вардар погоди за 31-32, следеше одбрана на Еспиња откако му фати зицер на Пешевски, а на спротивната страна, Борозан направи глупост и доби две минути исклучување, ама на негова среќа, Хосни направи пробивање, а Хориха донесе 31-33. До финишот на мечот, Никола Митревски имаше клучна одбрана, Еурофарм Пелистер имаше напад за реми при 33-34, Кузмановски погоди за 34-34 и последните дваесет секунди ги имаше Вардар. Пред звукот на сирената, по една комбинаторика, домашната публика ја замолкна Дмитро Хориха со една бомба за победа.

Младен Крсманчиќ кај Вардар беше најдобар со 11 гола, пред јунакот Дмитро Хориха со седум гола, исто колку што даде и Вуко Борозан, додека кај пелистерци, Дејан Манасков имаше десет гола, а Филип Кузмановски погоди девет пати.