Уште една вардарка си најде клуб: Марија Петровиќ потпиша за Валчеа!

Во следната сезона сите интернационалки од ѕвездениот состав на ЖРК Вардар ќе имаат нови клубови. Поголемиот дел од нив веќе имаат потпишани договори, додека преостанатите ќе ги знаат новите средини наскоро. 

Лекиќ, Радичевиќ и Цвијиќ заминаа во ЦСМ Букурешт, Лејно во Ѓер, Лакрабер во Флери, Ристовска во Крим, Пенезиќ и Хмирова во Шиофок, Кликовац во Кишварда, а последна во низата кои најдоа нов клуб е српската репрезентативка Марија Петровиќ.

Таа во следната сезона ќе настапува за поранешниот финалист на Лигата на шампионите, Валчеа. Некогашниот бренд на романскиот ракомет во последните сезони се труди да го врати стариот сјај, а во тоа треба да им помогне и Петровиќ.

Србинката во Вардар дојде на средина на минатата сезона, a претходно играше во Наиса Ниш и во Бекамент Буковичка Бања. Со универзитетската репрезентација на Србија освои бронзен медал во Јужна Кореја на Универзитетските Игри, а беше дел од српската селекција на ЕП 2016 и СП 2017.