Ракомет плеј-оф: Еурофарм Пелистер со предност пред Вардар и Алкалоид во борбата за трофејот

Заврши регуларниот дел од сезоната во Суперлигата, а со победата на Алкалоид над Охрид (29-26) познат е и конечниот пласман на екипите пред плеј-оф фазата. Триумфот во „Автокоманда“ се прослави и во Битола бидејќи со него Еурофарм Пелистер се одржа на врвот, а доколку Охрид извлечеше бод или победеше на првото место ќе скокнеше Вардар. 

На конечната табела трите водечки тима завршија со по 40 бода, имаа по 20 победи и по два пораз. На неа шампионот Еурофарм Пелистер е водечки поради најдобра гол разлика на мини-табелата на водечките три, Вардар е второпласиран, а Алкалоид трет. Пелистерци во плеј-офот ќе пренесат три бода, Вардар и Алкалоид по два, Охрид и Тиквеш по еден, а Бутел е единствен без бодови. 

  • Табела за плеј-офот со пренесени бодови: 
  1. Еурофарм Пелистер - 3
  2. Вардар - 2
  3. Алкалоид - 2
  4. Охрид - 1
  5. Тиквеш - 1
  6. Бутел Скопје - 0

Што се однесува до борбата за опстанок во елитата, Пролет има предност пред конкуренцијата и ќе тргне со три бода, Прилеп и Куманово со по два, Борец и Струга со по бод, а Радовиш е единствен на „нула“. 

  • Табела за плеј-аутот со пренесени бодови: 
  1. Пролет - 3
  2. Прилеп - 2
  3. Куманово - 2
  4. Борец - 1
  5. Струга - 1
  6. Радовиш - 0

Веќе утре ќе се одржи ждрепката за новите дванаесет кола во плеј-оф и плеј-аут сегментите. Првото коло е на програмата следната среда на втори април.