Комбинираниот Еурофарм Пелистер во едно полувреме направи +16 и ја декласира Струга

Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа уште една рутинска победа во новата сезона во Суперлигата, откако на првиот домашен натпревар без многу проблеми го совладаа ланскиот ривал во плеј-офот, Струга (37-20). Овој натпревар за македонскиот првак беше последна проверка пред средбата со Фуксе Берлин во Битола, во второто коло од Лигата на шампионите. 

  • Извештај од натпреварот Еурофарм Пелистер - Струга:

Со оглед на густиот распоред кој што е пред пелистерци, тренерот Бранислав Ангеловски очекувано ги одмори повеќето првотимци, а оние кои што добија шанса за докажување – одлично ја искористија. Пред сè последното засилување, младиот Самоил Ристовски, кој се покажа во вистинско издание и беше еден од најдобрите на паркетот. Слободен ден добија Радивојевиќ, Манасков, Митревски, Кузмановски, Хосни, Пешевски, Тајник...

Шампионот не тргна така убедливо како што се очекуваше. Стружани ги користеа сите шанси кои им беа пружени, но имаа сили само за едно полувреме (13-12). Поточно, во второто, пелистерци додадоа гас, влегоа во посакуваниот ритам, постигнаа дури 24 гола, а примија само осум и на крај заслужено славеа со убедливи седумнаесет гола разлика.

Најдобри поединци кај победничкиот тим беа Петровиќ и Цехте со по седум гола, а Самоил Ристовски заврши со шест погодоци. Одличен на голот на шампионот беше Филип Ивиќ. За Струга најпрецизен беше Богдан Мијушковиќ со пет гола.