• Горан Упале
Македонската „Фаланга“ одново е меѓу најбројната навивачка група на Светското ракометно првенство во Хрватска, Данска и Норвешка. На средбите со Унгарија и Холандија нашите ракометари добиваа огромна поддршка од трибините и се чувствуваа како да се дома, а така се очекува да биде и на денешната средба со Гвинеја, во рамките од последното коло од првата групна фаза на шампионатот.
Но, за овој дуел Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) му наложи на организаторот да ги зголеми безбедносните мерки и бројот на редари и полицајци на трибините. Причината за оваа одлука е поради случувањата кои се случија по натпреварот со Холандија пред два дена.
Организациониот одбор во Хрватска мора да ги предупреди сите навивачи и да ги информира за новите безбедносни мерки.
„Ракометниот сојуз на Македонија ќе биде казнет поради однесувањето на навивачите. Ракометниот сојуз на Македонија е предупреден дека нивните натпревари ќе се играат без навивачи доколку се повтори сличен инцидент“, се вели во соопштението на ИХФ.
Дополнителни одлуки на ИХФ по овој натпревар се следните:
- Дел од трибините зад клупите ќе бидат затворени за навивачите на следните натпревари.
- Во Важардин ќе биде зголемено присуството на редари и полицијата, но ќе се зголеми и контролата на навивачите во однос на прегледување на торбите на секој што ќе влезе и слично.
- За засилување на контролата ќе бидат известени навивачите и сите кои имаат билети за натпреварите.
Натпреварот меѓу Македонија и Гвинеја се игра од 18:00 часот, а со победа или нерешено нашата селекција патува во следната фаза на овој шампионат.