• Филип Вирановски

Физичкиот елемент е тој кој сите во хрватскиот табор го потенцираат како лимит во нашата репрезентација. Сепак самите ракометари веруваат дека имаат енергија за уште најмалку три цврсти и компетитивни натпревари и дека нема да се предадат и да паднат во недостаток на сила.
Гоце Георгиевски истакна:
„Пред првенството се зборуваше дека дуелот со Србија ќе биде решавачки, по тој меч ова е едно големо олеснување за нас, бидејќи успеавме да поминеме понатаму. Секако имаме позитивна атмосфера во нашите редови и мислам дека тоа ќе ни помогне за следните натпревари. Гледавме дел од натпреварите на Хрватска, знаеме за каков противник се работи, игравме на турнирот во Умаг, а горе-долу играчите се истите. Потфрли нашата одбрана на мечот со Србија и затоа мислам дека треба да ја затегнеме, бидејќи Хрватска има многу квалитетни играчи и добри напаѓачи. Сите одиграа три мечеви во првиот круг некоја репрезентација имаше поголема ротација, некоја помала, но мислам дека физички сме добро подговени и ќе ги издржиме овие три натпревари“.
Георгиевски беше дел од тимот кој минимално загуби во Катар во групната фаза минатата година и како и сите останати, силно е мотивиран за реванш против „коцкестите“ вечерва.