• Иван Димовски

Младиот ктужен напаѓач, Стефан Атанасовски е меѓу неколкуте ракометари кој со игрите во Вардар Јуниор стигнаа до прв професионален договор со сениорската екипа.
Корпулентниот кружен напаѓач го носи дресот на Вардар од 2016 година кога настапуваше во младинските екипи, сезонава дебитираше во СЕХА лигата, а беше и на списокот за мечевите од Лигата на шампионите.
Многу македонски млади ракометари прерано тргнуваат во авантури надвор од земјата, наместо да „се калат“ и како поискусни да заминат. Таков не е и случајот на Атанасовски кој за Gol.mk изјави дека и покрај понудите за промена на средината од Македонија, но и од странство, решил да остане во клубот кој го сака.
„Јас Вардар го сакам, бидејќи тоа е мојот прв клуб. Тука научив многу и почнав да созревам како играч благодарение на работата со Петрушевски и Петковски - Зенга. Договорот со новиот сопственик Михајловски беше лесен, бидејќи решив дека сè уште сум млад за интернационален предизвик. Имав повеќе понуди на маса како од Бутел, Охрид и Пролет, но и интернационални од Португалија и Шпанија. Јас сум свесен што е Вардар и решив да останам во европскиот првак“, започна Стефан.
Интересно, 20-годишникот пред само четири години започнал да тренира ракомет, а по потписот со Вардар ни кажа која била главната причина за посветувањето на овој спорт.
„Јас во минатото тренирав кошарка, но во 2016 се префрлив на ракометот. Ги гледав сите тогашни натпревари на Вардар и добив мотив. Самиот си поставив цел, а таа беше да стигнам до настап за сениорскиот тим“, заврши пикерот.
Самиот повик да прејде од вториот во најсилниот состав е показател дека зад името на Атанасовски има талент и потенцијал, а останува да видиме дали ќе биде достојна замена за капитенот Стојанче Стоилов во иднина.