Димевски гостин на церемонијата на Косовскиот Олимписки Комитет

На покана на претседателот на Косовскиот Олимписки комитет, Исмет Красниќи, претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), Даниел Димевски како почесен гостин вчера присуствуваше на свечената церемонија „Лауреати 2023“ која се одржа во Приштина.

На манифестацијата се доделија награди за најдобрите спортисти во изминатата година. Димевски најпрво ги поздрави присутните гости, па ја додели наградата за најдобра селекција во машка конкуренција која припадна на тенисерите.

Даниел Димевски пред две недели доби нов мандал и ќе биде претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК) во следните четири години. На редовното изборно собрание, одржано во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, беа присутни 55 делегати од вкупно 61 и се гласаше по единствената кандидатура, онаа на актуелниот претседател.

Димевски доби доверба со 45 гласа за, осум против и два воздржани и ќе го води македонското олимписко движење најмалку уште четири години.