Наковски: Сè уште не сме на вистинското ниво, турнирот „Чајка“ ни доаѓа во вистинско време

Натпреварите во Црна Гора и во Швајцарија ја дадоа првата слика за формата на македонските одбојкари во пресрет на квалификациите за Европското првенство 2026. Последна проверка ќе биде настапот на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ чие 48. издание и годинава ќе биде во функција на подготовката на нашата машка сениорска репрезентација. 

Од четврток до сабота, во салата „Парк“ во Струмица, Македонија ќе ги одмери силите со Израел и со Косово, а потоа ќе одржи уште неколку тренинзи пред да патува во Тбилиси за првиот евроквалификациски дуел против Грузија закажан за 17 август.

„Досегашните контроли покажаа дека имаме добра реакција. Веројатно поради патувањата и неспиените ноќи, загубивме од Црна Гора и од Швајцарија во првите пресметки, па ден потоа игравме многу подобро и победувавме. Сè уште не сме на вистинското ниво, но претстојниот турнир „Чајка“ ќе ни овозможи да посветиме внимание на деталите и да бидеме свои за квалификациите со Грузија на гости и со Грција дома“, вели селекторот Хари Наковски.

На списокот се четиринаесет одбојкари, во составот се врати Лука Костиќ, кој го пропушти првиот период поради здравствени причини, а во националниот тим веќе не е Давид Стојанов. 

Распоред на натпреварите на Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“:
Македонија – Косово (четврток, 08.08.2024, 19:00 часот)
Израел – Косово              (петок, 09.08.2024, 19:00 часот)
Македонија – Израел (сабота, 10.08.2024, 19:00 часот)