КК Пелистер: КФСМ да престане со самоволие и да ги објави сите должници

Управата на македонскиот прволигаш Пелистер повторно се огласи со соопштение во кое ја повикува Кошаркарската федерација да ја објави листата на клубови-должници кон КФСМ. 

„Зелено-белите“ од Битола сметаат дека раководството во заминување мора да престане со своето самоволие и треба да одговори на нивното легитимно барање. Соопштението ви го пренесуваме во целост. 

„Искрено жалиме што повторно се јавуваме со соопштение, но сметаме дека тоа е единствениот начин да се допре до јавноста во периодот на апсолутно самоволие на раководството во заминување на КФСМ.

Минаа повеќе од два месеца, слушнавме многу ветувања кои останаа ноторни лаги од водечките луѓе на федерацијата, по нашето сосема легитимно барање да го добиеме списокот на клубови-должници кон КФСМ.

Како единствен клуб што од почетокот на сезонава редовно ги подмирува обврските кон куќа на кошарката, имаме апсолутно право да знаеме кои клубови во колкава мера се кредитирани од страна на федерација.

На оваа крајно дискриминирачка појава предупредивме уште пред извесно време, клубовите наместо да ги плаќаат казните, парите ги насочуваат кон нови засилувања со што го прават ова првенство, како и претходните од последните неколку сезони – максимално нерегуларно.

Дури и сега, кога федерацијата се закани со суспензии на клубовите кои нема да ги подмират обврските (последниот рок е утре), од КФСМ од сосема неразбирливи причини до ден денеска кријат кој клуб колку треба да исплати. Затоа, со право јавно прашуваме – дали и утре куќата на кошарката ќе прикрие доколку некој од „пријателските клубови“ на водечките луѓе не ги подмири долговите.

Сакаме да потенцираме – фактот дека сме клуб без долгови не значи и дека сме клуб со најголем буџет во Македонија, само дека како управа знаеме како домаќински да ги располагаме средствата, да трошиме онолку пари колку што имаме на располагање, а не да се задолжуваме и потоа да се пазариме за враќање на долговите, без разлика дали кон федерацијата, или кон играчите и тренерите“, се вели во соопштението на КК Пелистер. 

Хаосот во мак-баскетот очигледно зема нови размери, па иако беше најавено дека натпреварувањата во сите лиги ќе продолжат, очигледно постои големо недоразбирање помеѓу одредени клубови и Кошаркарската федерација.