Шпанците гневни: Судиите во Евролигата се очајни и непрофесионални

Шпанскиот великан Реал Мадрид е последниот од евролигашките клубови кои се надоврзаа на критиките за судиите кои ја делат правдата во елитното натпреварување. 

Најтрофејниот европски клуб и медиумите блиски до него „удрија“ по арбитрите и имаат огромни замерки за судењето во плеј-оф серијата против грчкиот Олимипијакос. Реал Мадрид имаше десет фаули повеќе од Олимпијакос, а згора на тоа грчкиот тим изведе многу повеќе слободни фрлања, нешто што не им се допадна на кошаркарските познавачи на Пиринеите. 

Шпанскиот „Ас“ напиша дека „Реал падна во Пиреја со судење од минатиот век“, алудирајќи на времињата кога ФИБА беше организатор на тогашниот Европски куп и клубовите имаа големи замерки за непрофесионалното судење. 

Други медиуми пишуваат дека „судиите се очајни и непрофесионални“, барајќи Евролигата сериозно да го преиспита начинот на бирање и делегирање. И покрај сите протести и жалби, Олимпијакос има водство од 2-0 против славниот ривал од Шпанија, а третиот натпревар ќе се одигра на 29 април.