Обрадовиќ: Немам волшебно стапче, но ова беше посебен натпревар за нас

Кошаркарите на Партизан ја прекинаа непријатната серија од осум последователни порази во меѓусебните дуели против Црвена Звезда, откако вечерва славеа со 89-77 во првото евролигашко „вечно дерби“. 

„Црно-белите“ на тој начин ја забележаа првата победа по шест порази во елитното натпреварување, па логично, тренерот Жељко Обрадовиќ беше крајно задоволен на прес-конференцијата.

„Работиме како и секогаш, немам волшебно стапче, освен да разговарам со играчите. Индивидуално и тимски да ги поправиме работите каде што не реагираме добро.

Вечерва бевме многу паметни во нападот. Во дефанзива, во првото полувреме имаше три ситуации каде што одигравме исклучително лошо. Сè друго беше добро.

Црвена Звезда  е квалитетен тим, затоа ова беше посебен натпревар за нас. Но, треба брзо да го заборавиме“, рече тренерската легенда.

На евролигашката табела Црвена Звезда е на единаесеттото место со пет победи и шест порази, додека Партизан е три позиции подолу со три победи и осум порази.