Историска сезона на Јокиќ: Србинот со уникатен подвиг во НБА!

Никола Јокиќ игра историска сезона која ќе ја заврши со „трипл-дабл“ просек во НБА лигата. Србинот стана првиот центар со ваков подвиг, а само трет кошаркар кому му успеало такво нешто. 

На претпоследниот натпревар од регуларниот дел, во победата на Денвер над Мемфис српскиот центар заврши со 26 поени, 16 скока и 13 асистенции. Токму проигрувањата до соиграчите кои водат до кош беа „проблематични“, ама со овие 13 Јокиќ по крајот на регуларната сезона ќе има двоцифрен просек. 

Досега сезонава Јокиќ има просек од 29,8 поени, 12,8 скока и 10,2 асистенции. Сепак, делува дека ниту овие бројки нема да бидат доволни за Србинот да биде МВП на регуларната сезона. 

Во историјата освен Никола Јокиќ досега „трипл-дабл“ просек имале уште Оскар Робертсон (1961/62) и Расел Вестбрук кој имаше четири такви сезони (2016/17, 2017/18, 2018/19, 2020/21).