• Мартин Танасковски

Македонскиот претставник во БИБЛ-лигата, екипата на Блокотехна, доминантно ја освои титулата во регионалната лига и во финалето славеше над албанска Теута (68-82).
Марјан Илиевски пристигна во Тирана со десеткуван тим, без повредените Мијатовиќ и Главчев, но и тоа не беше пречка да се освои прва историска титула во регионалното кошаркарско натпреварување.
Доминацијата на Блокотехна во финалето се најави уште по само десет минути игра, затоа што македонскиот тим обезбеди предност од 9-25. Се одигра пеколно во нападот, цврсто во одбраната, а Теута немаше начин да дојде до рекетот и да поентира. Победата се потврди во третиот период, во кој Блокотехна пак беше убедлива, па дојде и до предност од 45-70. Последните десет минути беа само формалност, на патот до првиот трофеј за Блокотехна.
Американецот Пен со 24 поени беше најдобриот во составот на Блокотехна, Николиќ додаде 15 поени додека Младеновиќ заврши со 12 поени и седум асистенции, а Ѓумиќ со 12 поени и девет скока.
Пред да ја совлада Теута, Блокотехна на Ф4-турнирот славеше и над Академик Бутлекс. Гевгеличани станаа вториот македонски тим со трофеј во БИБЛ, по Фени Индустри, кој дојде до првото место во сезоната 2010/11.