• Мартин Танасковски

Екипата на Гостивар договори големо засилување за наредниот дел од сезоната и потпиша договор со македонскиот кошаркарски репрезентативец Бојан Трајковски.
Трајковски, кој е најдобар македонски кошаркар за изминатата година, беше под договор со унгарски Пакс, но двете страни решија спогодбено да го раскинат. Наредна дестинација на крилниот центар ќе биде Гостивар, каде во Трајковски се гледа на големо засилување.
Тимот на Марјан Србиновски со доаѓањето на Трајковски добива на квалитет и се гради респектабилен состав, кој сега сигурно ќе биде незгоден за секој ривал. Трансферот го потврди и тим-менаџерот на Гостивар, Бали Саити.
Гостивар се наоѓа на четвртото место во Првата лига, но предизвикот кој следи сега е настап во Купот на Македонија, каде тимот е дел од завршницата.
За македонскиот кошаркар, новата дестинација ќе биде деветти македонски клуб, по настапите за МЗТ Скопје, Работнички, Карпош Соколи, Фени Индустри, Куманово, Лирија, Торус и Балкан Стил.