• Мартин Танасковски

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ќе игра во финалето од Купот на Македонија. Тимот одигра реми (1-1) во реваншот со Брера Струмица, но разликата ја направи високата победа на првиот полуфинален меч во Скопје (3-0).
- Извештај од натпреварот:
Заради густиот распоред и многуте обврски во шампионатот, Седлоски промени повеќе играчи на овој меч и ротираше, а тоа беше евидентно во играта на вардарци. Сепак, во ниту еден момент, пласманот во големото финале не беше доведен под знак прашалник.
На тешкиот терен за игра на стадионот „Благој Истатов“, се играше активно на стартот. Темпото на игра се префрлуваше од едната страна на другата, а домашните успеаја да дојдат први до предност, кога во 34. минута во мрежата на голманот Давор Талески погоди Христијан Јанкулоски.
По еден прекин, Олаосебикан го проигра Аризанкоски, а тој нафрли во шеснаесетникот на Вардар. Највисок во скокот беше Јанкулоски, кој беше стрелец на единствениот гол во првиот дел. На стартот на вториот дел, Вардар израмни на 1-1, кога Донгмо во празно го проигра Шаркоски, а тој додаде до Михаил Талевски кој беше на пеналтикот и реализира. Тоа беше и конечниот резултат, иако од клупата на Вардар влезе еден од најдобрите играчи Спахиу и се имаше неколку интересни шанси за гол.
Вардарци долго време немаат играно Куп-финале, поточно скоро две децении. Последен пат тимот се најде во мечот за трофејот во 2007 година и го освои, со триумф над прилепска Победа со 2-1. Оттогаш, Вардар не дошол до завршната фаза ниеднаш, иако навивачите го посакуваат овој трофеј.