• Горан Упале

Македонскиот прволигаш Пелистер денеска го одработи последниот, односно десетти ден од зимските подготовки во Охрид. Фудбалерите на Пелистер со натпреварот против Беса и официјално се одјавија од Охрид и подготовките ќе ги продолжат во Битола, каде што „генералката“ ќе ја одиграат против екипата на Новаци на деветти февруари.
Во Охрид, Пелистер одигра вкупно четири натпревари на кои забележа една победа, еден нерешен резултат и два порази. Претседателот Митко Стојковски вели дека екипата е во подготвителен период и затоа резултатите беа во втор план во Охрид.
„Екипата е во подготвителен период, тренира напорно секој ден и тоа по два тренинга, па затоа резултатот на овие подготвителни натпревари е во втор план, секогаш така било, па така е и сега. Се гледаат многу добри работи во играта, но секако има и работи што мора да се коригираат Имаме уште две недели до стартот на првенството, и ние се подготвуваме за она што нè чека во пролетниот дел, и сигурен сум дека ќе ја исполниме нашата цел за оваа сезона”, рече Стојковски.
Тренерот Срѓан Захариевски им даде шанса на сите фудбалери освен на повредените Андреј Јовчевски и Мирко Ивановски.