• Горан Упале
Екипата на Арсенал со огромна предност ќе патува во Мадрид на реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако „кралевите“ вечерва беа понижени како ретко досега во омиленото натпреварување. Англискиот гигант пред својата публика извојува убедлив триумф од 3-0 (0-0), во натпревар во кој Деклан Рајс постигна два спектакуларни гола од слободен удар. Интересно е тоа што за англискиот играч за врска ова беа првите голови од слободен удар во професионалната кариера.
- Извештај од натпреварот:
Првото возбудување во Лондон дојде по само четириесет секунди игра. „Кралевите“ тргнаа со висок пресинг и по една загубена топка на домаќините Мбапе се реши да бие од далечина, но Раја беше добро поставен и ја впиша првата интервенција.
По повредата и по трите натпревари пауза, Куртоа се врати на голот на европскиот шампион и првата задача ја имаше во седмата минута кога Сака имаше неуспешен обид да го изненади директно од корнер. Искусниот белгиски голман на висината на задачата беше и во 14. минута, кога од дистанца биеше Томас.
Речиси и да нема натпревар на Реал Мадрид оваа сезона во кој нема материјал за понатамошна дискусија на аналитичарите. Таква ситуација имаше и вечерва, откако дефанзивецот Асенсио играше со рака по ударот на Рајс, но ниту главниот судија Пењто, а ниту од ВАР-собата, не се решија да ја прекинат играта и Арсенал да добие најстрога казна.
До крајот на полувремето Тибо Куртоа уште еднаш покажа дека повредата е минато и со двојна одбрана одново го сочува својот гол. При првиот обид шутираше Рајс со глава, а потоа и Мартинели. Реал Мадрид во првиот дел се закани само уште еднаш, откако Мбапе не го пронајде вистинскиот пат до мрежата на домаќините, поточно Раја запиша уште една интервенција.
Второто полувреме во Лондон тргна споро, Арсенал имаше иницијатива и притискаше на противничката половина, додека Реал Мадрид чекаше шанса преку брза транзиција и контра напади. Тоа не донесе некоја поголема шанса за погодок, но потоа на сцена стапи Деклан Рајс со два еврогола од слободен удар. Англискиот репрезентативец ја игра можеби најдобрата сезона во својата кариера и заедно со Сака и Одегард се движечка сила на Арсенал на Микел Артета.
Поранешниот играч за врска на Вест Хем, своите врвни фудбалски квалитети ги покажа и вечерва, откако на изненадување на сите изведе два перфектни слободни удари, по кои немоќен беше дури и големиот Куртоа, за водство на Арсенал од 0-2.
Но, „топџиите“ не застанаа тука, напротив продолжија со својот стил на игра и Мерино, кој во последниот период ужива голема доверба од Артета, го матира Куртоа за огромни три гола предност за Арсенал на реваншот во Мадрид. Реал натпреварот го заврши со десет фудбалери, затоа што Камавинга поради неспортска игра заработи втор жолт картон. Дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ се игра за осум дена.