Пандев: Не смееме да си дозволиме да губиме играчи како Кулушевски и Секулов!

Фудбалската репрезентација на Македонија имаше плодна и успешна недела, во која новото раководство донесе неколку важни одлуки. Спортскиот директор, Горан Пандев, најави промени и во пристапот кон младите македонски фудбалери.

Струмичанецот рече дека Македонија не смее да си дозволи да ги губи талентите, кои некогаш играле за нашите млади селекции, па се одлучиле да ја сменат репрезентацијата.

„Не смееме да губиме играчи како Кулушевски и Секулов. Тие деца играа во младите категории на Македонија, а ние така брзо се откажавме од нив. Сега, со вистински пристап кон овие деца нема да дозволиме такво нешто. 

Имаме многу таленти кои играат во странство, само треба да го препознаеме тој талент. Работиме на скаутинг служба и скоро ќе именуваме 3-4 скаути кои ќе работат за нас низ цела Европа. На сите квалитетни деца ќе им се даде шанса и ќе оставиме на одговорните луѓе да одлучат дали има потенцијал за сениорската репрезентација“, рече Пандев за ТВ21. 

Првите активности на најдобрата репрезентација се во март, кога на почетокот на квалификациите за Светското првенство во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико ќе гостуваме кај Лихтенштајн.