• Горан Упале

Во невообичаен термин, во вторник, и тоа без присуство на публика на сите шест натпревари, ќе се одигра 17. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Дербито се игра на „Чаир“, каде шампионот Струга Трим Љум ќе гостува кај ранетиот Шкупи.
Чаирчани се во сериозна криза, не освоиле ниту еден бод на последните пет натпревари, но и покрај тоа тренерот на Струга, Ќатип Османи повика на претпазливост.
„Шкупи е во криза, но сите знаеме дека има многу добар тим, со многу квалитетни играчи. Нашите цели се познати. На „Чаир“ одиме да играме на победа и три нови бода на нашето конто, со кои ќе го продолжиме континуитетот. Се надеваме дека повторно ќе бидеме на врвот на табелата“, рече искусниот стратег на шампионот.
Натпреварот во „Чаир“, како и останатите пет, се игра од 13:00 часот. Во нивното прво соочување оваа сезона Шкупи славеше во Струга со убедливи 0-3, резултат што ќе биде дополнителен мотив за стружани денес да им се реваншираат на чаирчани.