• Мартин Танасковски
Старото правило гласи дека 2-0 е најопасен резултат во фудбалот, а тоа се докажа на два натпревари во елитните рангови на Хрватска и Србија претстојниот викенд.
Динамо Загреб победи на гости кај Осијек (2-3) и тоа со три постигнати гола во последните 20 минути од натпреварот. Домашниот тим имаше предност од 2-0 со головите на Миерез и Буквиќ во 7. и 46. минута, а откако Емрели намали во 70. минута, Динамо доби два пенали во 87. и 99. минута кои во гол ги претвори Бруно Петковиќ. На овој натпревар играше и Стефан Ристовски кој на теренот мина 42 минути.
Слично беше и со Партизан, кој исто како и Динамо Загреб во последните 20 минути направи пресврт на гостински терен кај ИМТ (2-3). Новајлијата во српската елита имаше 2-0 со головите на Вукиќ и Коџиќ во 5. и 56. минута, а откако Салдана во 70. минута намали на 2-1, Натхо од пенал во 91. минута погоди за 2-2, а потоа и Николиќ во 95. минута за целосен пресврт.
Навистина е опасно да водиш 2-0 на Балканот...