Македонската надмоќ без резултат, Алими и Миовски ги промашија најзрелите шанси

Македонската фудбалска репрезентација одигра солидно прво полувреме на натпреварот против Фарските Острови, но не успеа да го скрши бедемот на ривалот и да го отвори резултатот (0-0). 

Натпреварот започна според очекуваното, офанзивната формација на Благоја Милевски донесе голем посед на топката на наша страна, но во првите минути не успеавме посериозно да се заканиме кон голот. Имавме корнер во петтата минута, Алиоски нафрли, но Фараните расчистија без проблеми. 

Потоа гостите имаа една брза полуконтра и се заканија од триесетина метри, но Столе Димитриевски лесно го скроти ударот. Првиот посериозен удар од наша страна дојде по обидот на Енис Барди од слободен удар, шутот од голема далечина беше незгоден за голманот Рејнатрод, топката отскокна од неговите раце, но сепак успеа да ја скроти без големи последици. 

Фараните се осоколија малку во периодот околу 20. минута, изведоа два корнери, но не делуваа дека можат сериозно да го загрозат нашиот Димитриевски. Набргу потоа повторно тргнавме во напад, Чурлинов истрча во добра контра, но нафрлената топка повторно дојде до блокот на гостите. Фарските Острови во овие моменти не делуваа како наивен ривал и на моменти играа поофанзивно, додека Македонија беше во мала криза во периодот околу 40. минута. 

До крајот на првото полувреме се обидовме да ја вратиме контролата, се заканивме преку Александар Трајковски, а потоа најзрелата шанса ја имаше и Алими, кој се обиде со „финта“ да ја затресе мрежата, иако можеше и да додаде за Бојан Миовски. Сепак, резултатот не се промени и на паузата екипите заминаа со почетните 0-0.