• Горан Упале

Фудбалерите на Македонија ЃП не го даваат лидерското место на табелата во Втората македонска фудбалска лига. „Лавовите“ на врвот ќе останат и по 12. одиграно коло, откако на гостувањето во Велес извојуваа сигурна и заслужена победа над Борец од 0-2 (0-0).
Велешани, кои оваа сезона се соочуваат со сериозни проблеми и веќе променија двајца тренери, еден час одлично се држеа против фаворизираниот противник, но во 60. минута одбраната попушти и искусниот Симеон Христов стрелаше за водство на тимот од Ѓорче од 0-1. Во последните секунди од натпреврот Христов ја искористи грешката на домашниот голман и со својот втор погодок го постави конечниот резултат (0-2).
Екипата на Арсими испушти голема можност да забележи огромна победа на гостувањето во Штип, затоа што до самиот финиш имаше водство од 0-1, но на крај остана со празни раце и „сините“ по пресврт славеа со 2-1.
Гостите до посакуваното водство стигнаа во 32. минута, а во центарот на вниманието беше Шефит Шефити. 26-годишниот напаѓач на Арсими повторно постигна еврогол и со прекрасен удар го совлада домашниот голман и на својот тим му донесе предност од 0-1. Овој резултат беше активен до самиот крај, кога најпрво Даноски најдобро се снајде во мешаницата и од непосредна близина погоди за 1-1, а во 90. минута Калпачки со супер-волеј донесе големо славје во Штип и победа на Брегалница од 2-1.
Во Гевгелија екипите на Кожуф и Охрид одиграа под своите можности и на крај го поделија пленот без постигнат гол (0-0). Во Кочани, домашните фудбалери на Осогово конечно ја прекинаа црната серија и со убедливи 4-1 славеа во соочувањето со Победа од Прилеп. Головите за трите бода за Осогово ги постигнаа Симоски, Паунов (2) и Фикрет, додека за поразениот тим стрелаше Ѓурчиновски.
По 12 одиграни кола во ВМФЛ на лидерското место сè уште е Македонија ЃП со два бода повеќе од Брегалница, додека пад за едно место има Башкими. Во долниот дел од табелата Осогово скокна на 14. место, а последните две позиции се резервирани за Борец и Вардарски.