„Ќе направиме сè за бизнисмените кои вложуваат во ПМФЛ да добијат фер услови за игра“

Во новогодишното интервју новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масер Омерагиќ одговараше на прашања поставени од македонските медиуми, меѓу кои и на Gol.mk.

Првиот човек на најмоќната спортска федерација во Македонија изјави дека Фудбалската федерација на Македонија, и понатаму ќе остане организатор на сите клупски натпревари, со тоа што во иднина ќе се стави поголем акцент на зголемување на безбедноста на натпреварите и намалување на навредите кои што доаѓаат од трибините. 

„Организацијата на фудбалските натпревари ќе остане во рамките на Фудбалската федерација на Македонија. Во минатото имаше обиди да се формира здружение на прволигаши, но секогаш тоа завршуваше на неславен начин, поради разните натпреварувачки ривалитети меѓу клубовите. Од тој аспект, федерацијата ќе ја задржи организацијата на сите натпревари со акцент на зголемување на безбедноста и стопирање на навредите од трибините, за кои казните ќе бидеме ригорозни. Со тоа луѓето ќе добијат чувство на безбедност на натпреварите.

Исто така ќе се обидеме да донесеме поквалитетно судење. Со напорна работа на новата судиска комисија да се подобри нивото на судењето, а со воведувањето на ВАР, од сезоната 2025/26 сите бизнисмени кои вложуваат во клубовите ќе може да бидат сигурни дека нивната инвестиција ќе има фер услови за игра“, истакна Омерагиќ.

Најавениот спонзор на Првата македонска фудбалска лига е потег за поздравување, а покрај тоа Омерагиќ откри дека наскоро ќе бидат и покачени таксите на судиите, со цел да се подобри квалитетот на судењето на натпреварите. 

„Да не бидеме во заблуда - живееме во Македонија, која е мала држава. За некој да инвестира многу пари во фудбалот сака да има поврат и сето тоа мора да биде покриено со поголема гледаност. Од тој аспект ќе оставиме времето да покаже. Што се однесува до договарањето на спонзор на ПМФЛ - во тој случај ќе се прекине праксата на плаќање на котизација на клубовите и тоа ќе биде од помош. Ние ќе се обидеме преку спонзорот да покриеме и други трошоци на клубовите, но и да ги подигнеме таксите на судиите, бидејќи во овој момент немаме голем интерес во оваа област“, додаде првиот човек на федерацијата.

Омерагиќ е оптимист дека ВАР-технологијата во ПМФЛ ќе се применува уште од сезоната 2025/26. 

„Почнуваме од нула. Од сите европски земји само Македонија и Црна Гора немаат ВАР во своите првенства. Претходно немаше никакви конкретни чекори на оваа тема. Затоа ние веднаш формиравме комисија, на која прв човек е Дејан Јакимовски, кој заедно со сите останати во тимот ќе ја спроведат оваа акција, а од федерацијата ќе добијат целосна поддршка на технички и финансиски план, за сето ова да се заврши навреме“, рече Омерагиќ. 

  • Комплетното интервју на Омерагиќ:

Во тимот на новиот претседател на ФФМ се неколку македонски фудбалски легенди како Горан Пандев, Ѓорги Христов, Агим Ибраими...