• Саше Љолес

Екипите на Струга Трим Лум и Пелистер го отворија 26. коло од Првата македонска фудбалска лига, а победата замина кај домашниот тим, кој славеше со конечен резултат 4-1 (1-1).
Првото полувреме понуди доста возбудливи и интересни моменти за гледачите. Се играше прилично отворено на двете страни, но без конкретни шанси во воведните минути. Стружани потоа влегоа во малку посилен ритам и успеаја да се изборат за пенал, кој беше прецизно реализиран од Ланре Кехинде во 22. минута. Најстрогата казна ја изнуди Шабани по стартот на Ѓуриќ.
Пелистер возврати со иста мера само осум минути подоцна, кога Спиркоски изнуди пенал, а Александар Ристевски донесе израмнување (1-1). Темпото малку се разгоре, видовме по уште една добра шанса на двете страни, но резултатот не се промени до паузата. Гостите останаа со играч помалку во последните секунди кога беше исклучен Филип Бошковски, кој заработи втор жолт картон.
Срѓан Захариевски сакаше да ја зацврсти дефанзивата со две измени на стартот од вториот дел, но Струга веднаш тргна во силен напад и веднаш поведе со 2-1 откако мрежата ја затресе Србинот Никола Влајковиќ.
Очекувано, Струга комплетно ја презема иницијативата и играше на противничката половина, а Пелистер повеќе мислеше на затворање на приодите кон својот гол. Имаа домаќините уште една добра шанса веднаш по вториот погодок, но голманот Јовчевски успешно интервенираше. Се обидуваше Пелистер спорадично да излета и да го загрози домаќинот, но бројчаната негатива си го правеше своето и не му даваше можност за поголем офанзивен пристап. Од клупата влргиа Ивановски и Трајковски, но Пелистер не се закани.
Стружани потоа комплетно ја стабилизираа играта, времето полека изминуваше и стануваше јасно дека ќе го завери мечот во своја полза, а тоа се потврди и со третиот гол во мрежата на Пелистер. Кехинде асистираше за капитенот Буњамин Шабани, кој зголеми на 3-1 во 75. минута од натпреварот. Во самиот финиш Кехинде ја погоди стативата, а само неколку секунди подоцна ја погоди мрежата за конечни 4-1 и убедлив триумф на домаќинот.
За актуелниот шампион на Македонија ова беше дванаесетти триумф сезонава и сега има 42 бода, додека Пелистер останува на 29 бодови и не се помрдна од седмата позиција на табелата. Во следното коло битолчани на домашен терен ќе ја пречекаат Брера Струмица, а Струга ќе патува на гостување во Скопје кај екипата на Работнички.