Хасани си оди од Шкендија, има интерес од Бурсаспор

Екипата на Шкендија по крајот на сезоната многу веројатно ќе остане без својот капитен Ферхан Хасани, кој најавил заминување од клубот и својата кариера ќе ја продолжи во странство.

Хасани имаше договор со тетовчани до крајот на сезоната, но не најде заеднички јазик со управата за продолжување. Неофицијално, проблем се финансиските примања и понудата од страна на клубот која за еден од најдобрите фудбалери во „црвено-црната“ опрема не била задоволителна.

Интерес за Хасани веќе има од неколку клубови, а Gol.mk дознава дека најзагреан за негов потпис е турски Бурсаспор. Засега, не е познато дали Хасани ќе остане во Шкендија да помогне во битката за Европа, или ќе си замине од тимот веднаш по крајот на сезоната.

Хасани, кој има 27 години, е дете на Шкендија и во тимот како професионалец настапуваше од 2007 до 2012, а потоа се врати во 2015 година. Имаше и две интернационални авантури, во германски Волфсбург како и дански Брондби.