• Горан Упале

Струга Трим Љум потешко од очекуваното собра нови три бода на своето конто. Во езерското дерби шампионот со минимални 1-0 славеше над Воска Спорт и ја продолжува трката за излез во Европа.
Херој на стружани беше Малески, кој гостинската мрежа ја затресе во 87. минута. Илчо Ѓорѓиоски беше задоволен од освоените три бода и ги пофали своите фудбалери за големата истрајност и борбеност.
„Честитки за фудбалерите за истрајноста и борбеноста до последна минута да се добие овој натпревар. Од тој аспект сум многу задоволен, од желбата за победа. Имавме доминација и многу шанси, сепак на крајот најважни се трите бода. Тие остануваат, другото заминува во заборав.
Со ваквите тешки победи, со условно мали екипи, бодовите се многу важни за амбициите кои што ги имаме оваа сезона. Јас верувам во сите играчи кои што се во ростерот, имам многу квалитетни играчи и денес сите покажаа дека се во функција на тимот. Оние кои што влегоа направија пресврт и практично ја донесоа победа“, рече стратегот на стружани.
Во следното коло Струга ќе се судри со Беса, додека Воска Спорт во Охрид ќе го пречека Работнички.