• Симеончо Стоиков
Аматерска, во најмала рака несекојдневна ситуација го најде затечен македонскиот интернационалец во редовите на Славен Белупо, Музафер Ејупи за време на првенствениот дуел, одигран на Пољуд, кој Хајдук го доби со 2-0.
Имено, Ејупи го започна дуелот од клупата за резервни фудбалери, па откако Хајдук поведе со 1-0, тренерот на Славен Белупо, Жељко Копиќ, сакаше да го внесе во игра, но до тоа не дојде. Четвртиот судија не дозволи да биде извршена замената бидејќи Македонецот во записникот бил пријавен со број 8, а на дресот имал број 9. Овој пропуст и тоа како го погодил Ејупи, кој видно лут се вратил на клупата за резервни од каде што го догледал крајот на мечот.
Во моментов, Ејупи е прв стрелец во својата екипа, со осум постигнати погодоци во есенскиот дел од сезоната, односно петти стрелец во хрватската лига, каде што на врвот се наоѓа уште еден Македонец, Илија Несторовски од Интер Запрешич со 13 гола.