Ништо од нов спектакл со Џошуа, Владимир Кличко му кажа збогум на боксот!

Поранешниот боксерски шампион во тешка категорија и еден од најголемите на сите времиња, Владимир Кличко, неочекувано одлучи да стави крај на својата богата боксерска кариера. 

Боксерскиот свет беше во исчекување на новиот спектакл меѓу Украинецот и Британецот, Ентони Џошуа, но наместо потврда за овој дуел, Кличко најави пензионирање. 

„Сè што сонував поврзано со боксот го остварив, па сега дојде време да му кажам збогум. Да бидам искрен никогаш не верував дека ќе имам така успешна кариера“, истакна Кличко.

41-годишниот Украинец своето деби во рингот го имаше во далечната 1996 година и од 69 борби оствари победи на 64, од кои дури 53 преку нокаут. Првата шампионска титула во ВБО ја оствари во 2000 година, а во меѓувреме се закити и со појасите од ВБА, ИБФ и ИВО категориите, а дури 23 пати успешно ги бранеше титулите.