• Иван Димовски
Македонскиот автомобилист Виктор Давидовски и следната сезона ќе се трка во ТЦР Европа, но во нов тим и со ново возило.
По успешните настапи во ова натпреварување за Комтој Рејсинг и на стартот ПСС Рејсинг тим, сега Давидовски заедно со долгогодишниот соиграч и шампион Франко Џиролами ќе возат за Монлау Моторспорт. Овој тим прави смена, па наместо возило од марката Ауди какво што возеше и Давидовски минатата сезона, во новата ќе вози Сеат Леон Купра.
Инаку, Давидовски дебитира во ТЦР Европа во 2018 година со македонскиот тим ПСС Рејсинг. По четири сезони реши да прејде во Комтој Рејсинг, со кој двапати го освојуваше Дајмонд трофејот наменет за новите возачи кои немаат поени за професионалци.
Давидовски се наметна во ТЦР светот, возеше трки и од светската серија, па останува под капата на ова натпреварување и следната сезона. Најдобриот резултат го имаше на трката во Монца лани со пласманот на третото место, а на крајот од сезоната беше четврти во генералниот поредок, што е огромен успех.