Младиот Иван чекори по стапките на неговиот татко Златко Димитровски

Со 19 години Иван Димитровски ќе биде најмладиот член на сениорскиот состав на Вардар. По една сезона помината во Вардар 2, кој се натпреваруваше во Првата лига стигна и „прекомандата" кај сениорите кои му беа идоли, а сега му се соиграчи. 

„Една година тренирав во Вардар 2, и оваа покана од првиот тим беше големо изненадување за мене. Знам дека сум уште многу неискусен, но и подготвен за работа и учење. Ќе имам крај себе голема звезда како што е Тимур Дибиров и верувам ќе успеам доста да „украдам" од неговото знаење. Ќе имаме време доволно да се запознеме и да учам“, вели Иван.

Иван Димитровски е син на некогашниот репрезентативец и член на Пелистер, Златко Димитровски.

„Татко ми многу ми помогна досега во мојот развој со совети и укажувања. Верувам и во иднина ќе биде така, затоа што има големо искуство“, вели младиот Иван.

На првот дел од подготовките на тимот покрај Димитровски со екипата се уште тројца „младинци" кои доаѓаат од екипата на Вардар јуниор, и тоа голманот Данел Ѓорѓески, десното крило Мартин Поповски и бекот Тоше Ончев. Тие ќе бидат со екипата и на подготовките во Крањска Гора.